
Густата магла направи проблеми и на скопскиот аеродром. Поради намалена видливост oд полноќ до 12 часот на пладне откажани се 20 летови, а еден е пренасочен. Меѓународниот аеродром Скопје не е затворен без разлика на временските прилики.
“Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во преостанатиот дел од денов, како и во текот на утрешниот ден. Сепак, со оглед на тоа што временските услови се менуваат постојано и секоја авиокомпанија има свој праг на толеранција на намалена видливост, апелираме до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од нивната авиокомпанија”, велат од ТАВ Македонија.
Ниеден од шесте авиони на „Визер“ кои се стационирани во базата во Скопје вчера не успеал да слета дома. Пренасочени биле на аеродромите во Приштина, Софија, Тирана, Солун и Охрид.
Поради маглата вчера на Меѓународниот аеродром Скопје слетале и полетале само по три авиони. Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, магла ќе има до вторник кога кон крајот на денот се очекува дожд.
Во наредните денови поради спуштање на постуден воздух од север, на некои од повиоските места врнежите ќе преминуваат во снег.