Клучните нацрт-измени на Кривичниот законик се поврзани со случаи од висок профил

Заострување на казнената политика со затворски казни кои се движат од 6 месеци до 10 години за злоупотреба на службена положба и овластувања, злосторничко здружување и злоупотреби при јавните набавки. Вакви законски измени се предвидуваат со предложениот нов Кривичен законик, кој веќе е доставен до Собранието и пратениците.

Клучните измени се однесуваат на „високо профилни“ случаи односно на членот 353 – за злоупотреби на службената положба од страна на функционери, а се воведува и нов став со кој се инкриминираат злоупотребите при јавните набавки.

Во предложениот текст членот 353 се менува и се воведува градација при должината на затворската казна во зависност од штетата која сторителот ја нанел.

Така, ако службено лице ја злоупотреби службената положба со неизвршување или пречекорување на овластувањата, а притоа не извршил и друго потешко кривично дело, ќе заработи казна затвор од 6 месеци до 3 години. Ако прибави поголема имотна корист и нанесе поголема штета, ќе треба да одлежи од 1 до 5 години, а ако имотната корист и штетата се значителни, казната затвор се зголемува до 8 години.

Најголема затворска казна со измените во Кривичниот законик се предвидува при злоупотреби во јавните набавки, односно ако преку злоупотреба при јавна набавка е прибавена поголема имотна корист или е причинета штета од големи размери, се предвидува затворска казна од минимум 4, а максимум 10 години.

Со предложените законски измени на КЗ се предлага и заострување на казнената политика во членот 394 за злосторничко здружување.

Во однос на измените на Кривичниот законик и поострите казни за злоупотреба на службена положба, претседателката порача дека ги охрабрува реформите. Таа дополни дека ги охрабрува не само измените на Кривичниот законик, туку и сите закони што се однесуваат на правосудството.

Comments

No comments yet. Why don’t you start the discussion?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *