
Судскиот совет денеска ја претстави новата Предлог-програма за борба против корупцијата и Акцискиот план за спречување коруптивни појави за периодот 2026–2029, документ којшто, според претседателот на Советот Александар Камбовски, претставува важен чекор и за правосудниот систем и за европските интеграции на државата.
Камбовски посочи дека судството има двојна улога, односно да пресудува во коруптивните предмети, но и да спречува појава на корупција внатре во сопствениот систем.
Документот, вели, е насочен токму кон адресирање на коруптивните појави надвор, но и внатре во судскиот систем. истакнувајќи дека во него се адресирани токму ваквите прашања поврзани со борбата против корупцијата, со точни чекори, мерки и временски рамки кога треба да се преземат.
Нагласи дека програмата е значајна не само за правосудството во земјава, туку и како дел од пошироката реформска агенда поврзана со евроинтеграциите.
Според него, при изработката се земени предвид слабостите од претходниот план.
Осврнувајќи се на довербата во судството, тој предупреди дека таа не може да се врати само со донесување на еден документ, ниту со исполнување на една цел од Програмата. Според Камбовски, за да се врати довербата во судството кај граѓаните, потребно е време и континуитет во работата.
Прашан за коментар во врска со изјавите на премиерот Христијан Мицкоски за состојбите во судството, Камбовски рече „во последните излагања премиерот, колку што слушнав, покажа волја да направи законски измени и да предложи измени до Собрание, каде што ќе добиеме финансиска независност“.
За потребите од буџетски средства, Камбовски оцени дека најпрво мора да се направи целосен пресек на состојбата, од инфраструктура до човечки ресурси.
“Ако сакаме функционално судство, мора да има финансии”, изјави Камбовски.