
Ја злоупотребиле службената положба и не ја известиле Владата за фактичката состојба во берзанското работење на „Агро Берза“ – Скопје во врска со настанатиот кусок на пченица и јачмен, со што на државата ѝ нанеле штета од околу 800.000 евра.
Кривична пријава и мерки на претпазливост се изречени за пет лица, меѓу кои и поранешниот заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски. Од ОЈО барат одземање патна исправа и задолжително јавување во суд за сите осомничени.
„Осомничените ја злоупотребиле својата службена должност со неизвршување на службените обврски, иако биле должни да ја известат Владата на РСМ за фактичката состојба во Јавното претпријатие за берзанско работење ‘Агро берза’ – Скопје, односно дека е настанат неоснован кусок на меркантилна пченица и јачмен во периодот 2019–2021 година. Наместо тоа, тие доставиле неточни податоци и информации.
Со ова дејствие постапиле спротивно на Законот за стоковни резерви, при што Агенцијата за стоковни резерви – Скопје била задолжена да изврши отпис на 1.500 тони меркантилна пченица и 500 тони јачмен за сточна храна, во вкупна вредност од 473.365 евра во моментот на отписот. Според цените по кои пченицата и јачменот се набавувале во 2022 година, нивната вредност изнесувала 48.000.000 денари или 780.487 евра, што претставува штета за Буџетот на РМ“, соопштија од ОЈО Скопје.
Акцијата ја потврдија и од МВР, од каде што информираат дека се извршени претреси на локации поврзани со случајот во Скопје, Куманово и Тетово Оттаму потврдија дека во акцијата е опфатен поранешниот заменик министер Димковски.
Во акцијата, покрај Димковски, осомничени се и вработени во Агенцијата за стокови резерви, „Агро Берза“, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Сите тие се товарат за несовесно работење и се очекуваат понатамошни поднесоци од надлежните институции.