
Многу причини доведоа до поразот на СДСМ на локалните избори, кој, за жал, е најголем во историјата на постоењето на СДСМ, вели пратеничката Славјанка Петровска во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Таа вели дека состојбата не смее да се игнорира, ниту да се остави на случајност и додава дека отсуството на дебата за претходните изборни резултати придонела за сегашниот пораз. Според неа, актуелниот партиски лидер, Венко Филипче, има сериозна задача и предизвик да најде начин на којшто СДСМ ќе излезе од оваа ситуација.
Прашана дали после овој изборен резултат Филипче треба уште да биде претседател на СДСМ, Петровска кажа дека функционирањето на партијата не го врзува само со една личност, но посочи дека е многу важно после овој пораз, СДСМ да излезе со тим на луѓе кои ќе знаат како да ја вратат партијата на победничката патека.