Четворица се приведени, а во домот на еден од осомничените полицијата која од утринава вршеше претреси на пет локации,поврзани со криминалната група Беланоца-Барон, пронашла поголемо количество на марихуана.
Акцијата е во рамки на предметот Бункер, а по обезбедени докази во истражната постапка поврзана со оваа група.
Од Обвинителството соопштија дека осомничените станале припадници криминалната група во 2023 година, и ги прифаќале насоките од одрганизаторите на групата.
“Тројца од осомничените во текот на месец јули 2023 година, на македонска и грчка територија, поттикнати и по порачка од претходно осомничен – организатор на групата, преземале дејствија на извидување на локација на оштетен и обезбедување средства за вршење на кривичното дело, при што во грција бил лишен од живот припадник на спротивставената организирана криминална група грчец. во месец мај 2024 година, пред објект на т.н. пластичарска улица двајца осомничени извршиле убиство на едно лице, а при заминување од местото пукале во возило што било паркирано во непосредна близина при што повредиле други лица од кои едно лице починало”, соопштија од ОЈО ГОКК.
Во соопштението не се наведени иницијали на убиените, но во летото 2023 во Ханиоти Грција беше убиен Орхан Бајрами Оки а на Пластичарка лани во мај Амар Исмани.
Од Обвинителството соопштија дека за тројца од приведените ќе поднесат предлог за определување мерка притвор, а за еден од осомничените предлог за определување мерки на претпазливост. Групата Беланоца-Барон беше сузбиена лани во декември.
Во предметот Бункер се опфатени осумнаесет членови на криминалната група, осомничени за убиства, злосторничко здружување, изнуда и тешки дела против општата сигурност.