Владата да одговори дали ќе разговара за примање мигранти, бара Мартин Костовски, организациски секретар на СДСМ.
„Во кратко интервју за британската телевизија ‘Скај њуз’, кое беше објавено од медиумите, премиерот Мицкоски избегна да одговори на директно прашање: Дали дел од стратешкото партнерство со Обединетото Кралство вклучува и можност Македонија да прифаќа мигранти? Токму ова прашање го поставивме пред неколку дена. И Владата – молчи“, рече тој.
Според него, сега, кога веќе и британски медиуми и политичари зборуваат за широка соработка во делот на миграцијата, молкот станува аларм.
„Затоа, денес, јавно, пред граѓаните, ја прашуваме Владата: Дали сте подготвени во иднина да прифатите Македонија да стане зона за сместување мигранти? Дали договорот каков што е остава простор дека за ова може да се разговара во иднина? Дали можете експлицитно и јасно да потврдите дека ниту сега ниту во иднина Македонија нема да разговара за ваков политички ангажман? Македонските граѓани имаат право да знаат и ги заслужуваат одговорите. Заслужуваат транспарентност“, рече Костовски.