Мицкоски и амбасадорот Лосон објавија стратешко партнерство и договор меѓу владите

Премиерот Христијан Мицкоски и британскиот амбасадор Метју Лосон денеска на заедничка прес-конференција го најавија постигнувањето согласност за Заеднички договор за стратешко партнерство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство, кој беше усогласен вчера во Тирана на средба на премиерите Мицкоски и Кир Стармер.

Мицкоски го нарече договорот со Британија „голем, неповратен чекор напред“ и „архитектура за иднината“ при што потенцираше дека заеднички вредности на двете држави се слобода, демократија и владеење на правото.

Според премиерот, партнерството ќе отвори врата за највисоко ниво на соработка во одбраната, борбата против организираниот криминал и нелегалните финансии, во образованието, здравството, културата, во младинските политики и економскиот развој.

Мицкоски најави дека договорот ќе биде основа за инвестициски циклус во вкупна рамка од 5 милијарди фунти (6 милијарди евра).

Дел од овие средства ќе бидат наменети за инфраструктурни проекти, како изградба на модерна карго и брза патничка железница од Табановце до Гевгелија, инвестиции во здравството, вклучително завршување на клиничката болница во Штип со нов медицински факултет и студентски дом, изградба на болница во Кичево и реконструкција на клиничката болница во Тетово.

Договорите за овие инвестиции се очекува да бидат потпишани во наредните денови.

Британскиот амбасадор во Македонија, Метју Лосон, категорично ги демантираше шпекулациите дека во рамки на новопостигнатиот Договор за стратешко партнерство меѓу Обединетото Кралство и Македонија, во земјата ќе се градат кампови за мигранти.

„Суштината на ова стратешко партнерство се инвестиции, економски раст и заедничко делување за взаемна корист, како и зајакнување на веќе одличното трговско партнерство“, истакна Лосон на заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски.

Тој објасни дека соработката во делот на миграцијата ќе се однесува исклучиво на поддршка во борбата против криминални банди, споделување разузнавачки информации и заедничка работа на полициските сили, како дел од поширока европска иницијатива.

„Не се работи за тоа дека Македонија ќе прифаќа мигранти од Британија. Знам дека има многу шпекулации во медиумите, но ова не е дел од договорот“, потенцираше Лосон.

Во однос на можноста за олеснување на визниот режим за македонските граѓани, амбасадорот призна дека миграцискиот притисок во Обединетото Кралство е голем, што ја прави темата политички чувствителна.

Comments

No comments yet. Why don’t you start the discussion?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *