Во интервју за Телма, во врска со коментарите на Марта Кос, за Северна Македонија како „тажна приказна“ на патот кон ЕУ, претседателката Гордана Силјановска Давкова рече дека земјата не ја напишала самата таа приказна.
„Кога некој постојано се соочува со пречки и кога некој верува дека пречките можат да се надминат преку уставни измени, при што уставот е највнатрешниот акт на една земја, закон над законите, општествена повелба, тоа е тогаш проблематично“, забележа таа.
Во врска со прашањето за одложеното дејство на уставните измени, претседателката изјави дека ставот на претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, со кого се сретнала претходно истиот ден, бил дека предлогот бил одлично замислен, но Бугарија не го прифатила.