Претседателот на Европскиот совет Кошта се сретна со премиерот Мицкоски

Нова посета на претседателот на Европскиот совет, остануваат старите позиции. ЕУ очекува Македонија да го испорача прифатеното од преговарачката рамка и да направи уставни промени за да продолжи напред на евроинтегративниот пат.

„Нема план б, фокусирајте се на планот а“, рече претседателот на Советот Кошта.

На речиси двочасовниот состанок во владата на Кошта му бил повторен ставот на Македонија дека се прифатливи уставни промени со одложено дејство, како гаранција дека нема да има нови условувања за билатерални прашања.

Македонија го има најтешкиот и фрустрирачки пат кон ЕУ, но нема да прифати нови отстапки доколку другата страна не го направи истото, рече премиерот Мицкоски, кој повика заеднички да се дејствува за одблокирање на процесот.

Кошта оцени дека Македонија направила многу за реформите, дека за нив и ЕУ финансиски помага, но како клучни ги потенцираше владеењето на правото и борбата со корупцијата. Тој нагласи дека земјава треба да работи на инфраструктурни проекти за коридорите 8 и 10.

По средбата со премиерот, Антонио Кошта во Вила Водно се сретна и со претседателката Гордана Силјановска Давкова.

Comments

No comments yet. Why don’t you start the discussion?

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *