Прашање на време, ако не денови или часови кога владината коалиција ќе се распадне – вака лидерот на СДСМ Венко Филипче ги коментира последните случувања поврзани со Алијансата на Албанците.
“Чудно е човекот на кого партијата му е веќе распадната да кажува дека владината коалиција не функционира и е на распаѓање”, му одговори ВМРО-ДПМНЕ на лидерот на СДСМ.
Првиот човек на ЗНАМ, Димитриевски на претседателот на СДСМ му порача, тој да внимава да не му се распадне партијата и зградата во која веќе нема луѓе.
Димитриевски уверува – Владата никогаш не била постабилна, а ЗНАМ на локалните, ќе учествува со свои кандидати за градоначалници и советници.
Отворени се за соработка со коалиционите партнери ВРЕДИ, но не и со Таравари.
Алијансата на Албанците имаше значајна улога во коалицијата ВРЕДИ-вели лидерот на ВРЕДИ Касами. Ваквата променета реторика следи по острите критики за својот поранешен коалиционен партнер Таравари кој со одлуката за самостоен настап на локалните избори, и комуникација со првиот човек на ДУИ, го најави курсот на неговото идно политичко делување.