Нема да има пролонгирање на истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“, уверува државниот обвинител Коцевски. Ако сè оди со предвидената динамика, идниот месец може да се очекува јавнообвинителска одлука.
Коцевски рече дека тимот обвинители е поделен – едни анализираат докази и сослушуваат сведоци и очевидци во Кочани, а други во Скопје. Тврди дека не му се вршат притисоци и оти обвинителството постапува неселективно.
„Во моментов има јавни обвинители кои работат и во Кочани и во Скопје, така што согласно динамиката со која работат, мислам дека нема да има никаков проблем да се заврши постапката во предвидениот рок. Нема никаква селективност досега, нема да има ни понатаму. Како што веќе имам кажано, сè до завршување на истрагата можно е евентуално проширување, меѓутоа тоа зависи од доказите и од она што јавните обвинители ќе го обезбедат“, рече обвинителот Коцевски.
Животозагрозувачки пациенти, за среќа нема, но сè уште има триесетина со сериозни повреди. Од ресорот здравство велат дека нивното заздравување ќе трае подолго време.
Пратеничката група на СДСМ во Собранието поднесе предлог-закон за поддршка на настраданите во пожарот и ги повика колегите пратеници да дадат поддршка за предложениот текст. Досега во Црвениот крст се собрани 22 милиони евра, дел од парите им се предадени на семејствата.