Доктори специјалисти, матични лекари и службеници од Клиниките од Скопје и Општата болница Велес здружени во две групи направиле шема за фалсификување на дијагнози за добивање на финансиска помош за туѓа нега и инвалидски пензии, информира Обвинителството за организиран криминал.
Едната група се создала на Клиниката за неврологија во Скопје. На почетокот биле тројца службеници. На групата им се прикличиле уште деветмина, од кои двајца специјалисти и матичен лекар исто од Велес, адвокат и службеник од Центарот за социјални работи во Тетово.
Тие изготвувале медицински упати, отпусни писма, конзилијарни мислења и потврди за медицински помагала со невистинита содржина. Првосоомничената по истиот терк создала уште една група на Клиниката за уво нос и грло во Скопје. И се приклучиле 12 луѓе. Тие барале и примале поткуп со ветување дека ќе обезбедат инвалидски пензии на оштените.
Обвинителството за организиран криминал информира дека 49 луѓе се осомничени за злосторничко здружување, злоупотреба на службена положба, примање и давање поткуп. Од нив за 12 е предложена мерка притвор, за тројца куќен, а за останатите мерки на претпазливост. Еден од осомничените е во бегство.
За возврат организаторите и припадниците на криминалната група преземале противправни дејствија на директно или индиректно давање или нудење на парични награди, поткуп на службени лица, како и противправни дејствија на директно или индиректно примање на парични награди или поткуп со што на барателите им обезбедувале исполнување на условите за успешно водење на постапката за стекнување со право на туѓа нега, информира Обвинителството за гонење на организиран криминал.
Вчера за време на претресите полицијата кај осомничените пронајде 110.000 евра, повеќе мобилни телефони, нотеси со податоци на должници, медицинска документација и повеќе факсимил печати.