Претседателката на ДКСК, Димитровска, е прогласена за осомничена во случајот “Адитив”

Претседателката на Антикорупциската комисија Татјана Димитровска попладнево е изнесена пред судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје како осомничена во случајот „Адитив“ и за неа обвинител од ОЈО за организиран криминал и корупција вечерва ќе бара мерки за претпазливост.

Тоа значи дека обвинителот ќе бара да ѝ се одземе не само македонскиот пасош, туку и дипломатскиот пасош кој неа ексклузивно ѝ беше даден од Министерството за надворешни работи. Притвор нема да се бара за неа. Како е поврзана Димитровска со „Адитив“, не е познато.

Обвинителството најавува информации дури за утре. Во нејзината биографија стои дека таа од 2004 година работи како ревизор во Државниот завод за ревизија, се до нејзиниот избор за член на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Покрај Димитровска, во рамките на предметот „Адитив”, од прибраните докази донесена е Наредба за спроведување на истрага за уште две лица.

Предметот „Адитив“ се однесува на истрага за злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на АД ЕСМ – Подружница РЕК Битола и РЕК Осломеј. Обвинети се 31 физичко лице и 5 правни лица.

Јавното обвинителство доставило предлог за мерки за претпазливост за претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Татјана Димитровска, во рамки на предметот Адитив.

Како што соопштуваат од Основен Кривичен суд Скопје, во моментов Димитровска се наоѓа во судот и треба да биде изведена пред судија на претходна постапка. Оттаму најавуваат дополнителни информации за решение по предлогот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*