Зошто се уште нема оставки од високи функционери и дали преку селективна истрага се штитат директните виновници за трагедијата во Кочани – и на денешната седница за пратенички прашања опозициската СДСМ бара одговори од власта за причините за несреќата и развојот по неа.
Премиерот Мицкоски го повтори неговиот став – дека истрагата ја води обвинителството, но потенцира дека споредбено со претходните големи трагедии, за пожарот во Кочани има притворени актуелни функционери. Од опозициската ДУИ пак побараа објаснување зошто и покрај ветувањата од Владата, се уште немало замена за укинатата алатка балансер.
Законот за правична застапеност е готов, но треба да се усогласи со уставот за да не падне на Уставен суд, одговори премиерот. Се отвори дебата и зошто доцнат платите на културните работници, за што од финансии и од култура уверуваат дека исплатата која започнала вчера ќе заврши денеска.
На седницата за пратенички прашања до премиерот беше упатено и прашање како Владата ќе се справи со високите царински тарифи од САД, за што тој рече дека не се 33 отсто, туку 10, а уверува и дека Македонија ќе биде меѓу ретките држави со најниски тарифи.
За оваа тема тој деновиве имал редовна комуникација со американскиот министер Лутник.