Амбасадорите Ларсон-Џаин, Линдквист и Памер коментираат за патот на Северна Македонија кон ЕУ

Одлуката за продолжување по евроинтегративниот пат е на Македонија, а предизвиците можат да се надминат со добра волја од сите инволвирани – ова е пораката која амбасадорите на Австрија, Финска и Шведска ја упатија по повод триесет годишнината од членството на нивните земји во Унијата.

Порачаа дека и нивните земји се соочиле со проблеми на патот кон полноправно членство, но потсетија и на бенефитите кои ги добиле откако станале дел од ЕУ. Македонија според нив треба да продолжи со реформската агенда од планот со раст, но во исто време да најде и решение за спорот со Бугарија.

“ЕУ го даде овој план за раст и Македонија одговори со реформска агенда за земјава која доби признание од Брисел како доста силен сет реформи кои се потребни да ја приближат земјата кон ЕУ. Сето тоа се многу добри вести. Потоа имате посебен политички пат и прашањето таму е до владата тука. Таа одлука е на Македонија”, изјави Ами Ларсон Џаин – Амбасадорка на Шведска.

“Силно верувам дека предизвиците кои стојат пред вас, тие кои го споменавте, спроведување на т.н. компромис од 2022 година се спроведливи со добра волја од сите инволвирани”, изјави Мартин Памер – Амбасадор на Австрија.

Амбасадорот на Финска Никлас Линдквист пак, повтори дека иако дијалогот е важен, сепак значајно е да се нагласи дека секоја земја, вклучително и Македонија води преговори со Унијата, а не со соседите.

“Дијалогот меѓу земјите е секако важен, да се разговара за овие работи, да се има отворена дискусија. Секако, кога говорите за членството во ЕУ и за ЕУ интеграциите, тоа се преговори кои секоја земја ги има со институциите на ЕУ, не со соседите”, изјави Никлас Линдквист – Амбасадор на Финска.

Во меѓувреме, спикерот Гаши и денеска повтори дека Македонија според него, има многу приајтели кои сакаат да помогнат на нејзиниот евроинтегративен пат и изрази надеж дека ќе се надмине како што ја нарече препреката, односно ќе се изгласаат уставните измени.

За таа цел како што кажа тој, се работи на сите нивоа, а тој како претседател на Собранието ги користел сите алатки за развивање на парламентарната дипломатија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*