Преку германско- словенечка иницијатива со која би се елиминирале билатералните пречки во преговорите со ЕУ, ќе се бара забрзување на евроинтеграциите за земјите од регионот да стигнат побрзо до целта.
Идејата на двете држави е да се реактуелизира можноста за промена на одлучувањето, наместо со консензус, одлуките да се носат со мнозинство. Овие заложби биле пренесени викендов во Луксембург кадешто шефицата на европската дипломатија Каја Калас ги пречека министрите за надворешни работи.
„Посочив дека Словенија заедно со Германија имаат иницијатива за тоа како да се поедностави самиот преговарачки процес преку воведување гласање со квалификувано мнозинство во процесот, со што навистина, ќе се забрзаат пристапните преговори и ќе се отстранат пречките во билатералните односи меѓу земјите“, изјави Тања Фајон.
Освен заедничкиот пристап на Германија и Словенија, коалициските партнери во германската Влада неодамна скроија и документ кој меѓудругото предвидува и укинување на правото на вето за ЕУ преговорите, но и за другите одлуки за кои сега е неопходен консензус од сите во Советот.
Додека да се постигне согласност за ова, Берлин предлага да се овозможи пристап до заедничкиот пазар за сите земји-кандидати. Она што е извесно за Македонија е дека во меѓувреме Софија ќе инсистира на исполнување на преземените обврски од преговарачката рамка и протоколите, порака која вчера ја повтори шефот на бугарската дипломатија Георгиев.
Во средината на мај во посета на регионов доаѓа претседателот на Европскиот Совет Антонио Кошта.