Судскиот совет застана на страната на колегите од кои се бара оставка и во реакција до јавноста изрази загриженост за изјавите на носителите на највисоките функции на државната власт, бидејќи овие изјави директно влијаат врз перцепцијата на граѓаните за работата на Судскиот совет и судството.
„Секој обид за поткопување на независноста на судската власт преку притисок од каков било вид и од кого било против членовите на Судскиот совет и судиите претставува директна закана за независноста и за демократијата на државата и владеење на правото. Во секоја правна држава, независноста на судската власт е еден од основните столбови за гарантирање на законитоста, правдата и заштита на правата и слободите на граѓаните.
Членовите на Судскиот совет и судиите мора да бидат ослободени од каква било форма на притисок и влијание за да одлучуваат самостојно и независно, и во таа насока Судскиот Совет упатува апел до сите носители на јавни функции во своето работење и дејствување доследно да ги почитуваат Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, со цел владеење на правото и враќање на довербата кај граѓаните во системот“, пишува во реакцијата на Судскиот совет.