Тања Чачарова-Илиевска, членка на Судскиот совет, денес не беше спремна да зборува за поднесената интерпелација за петтемина членови на Судскиот совет. Најави дека ќе го каже ставот откога добро ќе ги анализира наводите во интерпелацијата.
„Ја прочитав, но поради обврски, денес немав можности добро да ја разгледам. Она што ми падна во очи е дека тоа не е интерпелација за членот Тања Чачарова-Илиевска на Судскиот совет, туку упатува за интерпелација на Судскиот совет. Се зборува за колективна одговорност. Јас не еднаш во моите обраќања, и на седници и во јавност кога сум зборувала, кажувам дека одговорноста мора да биде индивидуална и покрај тоа што Судскиот совет е колективно тело.
Ние сите гласаме со својот глас за една одлука и во зависност од гласот на секој од нас се носи одлуката со мнозинството гласови. Токму од тие причини сметам дека навистина добро треба да ја анализирам и ќе дадам одговор во рокот предвиден во Деловникот за работа на Собранието“, рече Чачарова-Илиевска.
Откога ќе ја направи анализата на интерпелацијата, Чачарова-Илиевска најави дека ќе има и став за евентуална оставка.