Британска Влада: Во Македонија постои ризик од терористички напади

Владата на Обединетото Кралство на својот веб сајт објави предупредување до своите државјани во земјава за можни терористички напади.

Ажурирањето на страната е направено на 5 февруари, во делот за безбедност, а во него се наведува дека таков вид на напади, кои според нив би биле неселективни, не можат да се исклучат.

Повикуваат на поголемо внимание и потсетуваат дека македонските власти неодамна извршиле и рации против осомничени терористи во земјава.

“Не се исклучуваат терористички напади во С. Македонија. Нападите може да бидат неселективни, вклучително и на места што ги посетуваат странски државјани. Бидете свесни за вашето окружување и бидете во тек со извештаите на локалните медиуми и следете ги советите на локалните власти. Властите во С. Македонија извршија рации против осомничени терористи. Постои ризик од терористички напади инспирирани од екстремистичка идеологија”, изјави владата на Обединетото Кралство.

Од Британската амбасада во Македонија пак појаснуваат дека станува збор за рутинска промена која се однесува и за земјите од регионот. Од таму велат дека целта на промената е британските граѓани да бидат во тек со какви потенцијални ризици можат да се соочат при нивното патување.

“Станува збор за користење на речиси идентичен јазик во истиот дел кој се однесува на Црна Гора и Србија. Промената, исто така, го поедностави и разјасни фактичкото упатување на неодамнешните активности на македонската влада за апсење на осомничени терористи, кои беа објавени во јавноста.

Честопати правиме мали промени во советите за патување, во овој случај, новинарите го забележаа тоа стандардизирање на јазикот, иако станува збор за рутинска промена”, изјавија од Британска амбасада.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*