Автентичното толкување на Законот за надворешни работи врати осум амбасадори во земјава.
Владата врз основа на заклучокот на Законодавно-правна комисија од 2 декември дека кандидатите за амбасадори мора да бидат сослушани во Собранието пред да им биде потпишан указ од претседателот на државата за упатување, покрена иницијатива со која во земјава се враќаат амбасадорите од Босна и Херцеговина, Јакуп Реџепи, од Шведска – Џенк Сејфила, Методија Белевски амбасадор во Белгија, Агнеза Руси Поповска од Бугарија, Емил Крстевски од Чешката, Пајо Авировиќ од шеф на Постојната мисија при Меѓународните организации, Зеќир Рамчиловиќ од Црна Гора и Катерина Ставревска од Велика Британија и Северна Ирска.
„Осум амбасадори се отповикуваат поради непочитување на законската процедура, односно непрезентирање на завршните согледувања пред надлежното тело во Собранието“, се наведува во одговорот од МНР за Телма за отповикување на амбасадорите.
Од МНР за Телма објаснуваат дека автентичното толкување на член 39 од Законот за надворешни работи укажало дека процедурата за упатување не е завршена доколку завршните согледувања не бидат презентирани во Собранието.
„Со тоа, претседателот на државата немал правен основ за потпишување на указот за упатување, што е јасно наведено во автентичното толкување“, наведуваат од МНР.
Владата освен што враќа девет амбасадори, испраќа и четворица нови.
„Во однос на новите предлози за амбасадори, информираме дека двајца се од редот на професионалните дипломати, еден е поранешен професионален дипломат, а еден е истакната личност од општествениот живот“, велат од МНР.