Анексите на договорите се потпишани и можеби уште утре ќе стигнат дел од дефицитарните лекови за онколошките пациенти, вели директорот на Онкологија.
За останатите, со Фондот се уште преговараат со производителите и тоа треба да заврши до крајот на неделата. Не поединци како порано, туку стручниот колегиум од 12 лекари одлучува кој пациент треба да биде на биолошка терапија а по надминување на оваа криза, првиот човек на клиниката се надева дека веќе нема да има патешествија за најтешко болните.
“Недостасуваат лекови како дел од терапијата на 40 до 60 пациенти и верувам дека во најбрз можен рок ќе ја обезбедиме. Дефектурата настана поради зголемениот број на пациенти и прво настана недостаток на еден лек, пациените беа префрлени на друг и сега тој е во дефектура”, вели проф. д-р Игор Стојковски, директор на Клиника за Онкологија.
Сегашната краткорочна мерка според надлежните треба да покрие краток период до годишниот тендер кој не треба да дозволи да има повторно криза за лекови.
“Треба да биде премостен период многу краток, да се обебедат лекови за 4 до пет недели и во тој период да бидат направени редовните годишни набавки”, вели Сашо Клековски, директор на Фонд за здравствено осигурување.
А додека онколошките пациенти чекаат на ветувањата од надлежните, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и денеска продолжија со меѓусебните обвинувања за Онкологија.
Продолжуваат и обвинувањата на партиите за случувањата на Онкологија. Од ВМРО-ДПМНЕ повикаа на одговорност. Велат Венко Филипче како тогашен министер не постапил според законите, а актуелната влада не е виновна за криминалот на Онкологија.
Од СДСМ пак, бараат извинување и оставка од Рашела Мизрахи, затоа што како што велат ги лажеше граѓаните, за политички поени.