Замрзнувањето на американската помош на три месеци нема да ги погоди македонските институции.
Ова е одговорот на премиерот Христијан Мицкоски, за тоа колку проекти и колку средства на државните институции се стопирани со одлуката на американскиот претседател, Доналд Трамп, за замрзнување на помошта за странство на 90 дена.
„Не мислам дека ќе има државни институции кои ќе бидат афектирани од оваа одлука на претседателот Трамп, но правиме анализа, ќе видиме и ќе носиме стратегија и заклучоци“, вели Мицкоски.
Од владата во одговор на прашање на Телма за тоа кои институции колку проекти во моментов имплементираат со американска помош, одговорија дека низ годините низа проекти биле поддржани од стратешкиот партнер на Македонија, од унапредување на капацитетите на институциите до поттикнување на економскиот развој и зајакнување на безбедноста. Но без конкретен одговор кои институции и проекти.
„Оваа исклучителна соработка во многу облaсти се сведува и на техничка поддршка која е од исклучително значење и како Влада силно веруваме дека ќе ја продолжиме и продлабочуме соработката и во иднина“, гласи одговорот од Владата.
Како што дознава Телма, Владата, министерствата како земјоделие, образование, животна средина, транспорт се некои од државните институции корисници на американски помош.
Телма побара одговор од министерството за одбрана дали со одлуката на Трамп ќе биде засегната и американската помош во делот на набавка на оружје и обука на македонските војници, но до овие вести не добивме одговор. Освен државните институции корисници за американска помош се и институции од делот на правосудството, но и локалната самоуправа.
Од Заедницата на локални самоуправи за Телма велат дека за локалните смаоуправи во моментот со американска помош преку УСАИД се спроведува само еден проект, кој стартувал во 2021, а треба да заврши годинава, а со кој биле опфатени сите општини во Македонија. Проектот бил насочен на поддршка на капацитетите за подобро менаџирање со финансиите на општините.