Фондацијата Гоце Делчев ги поканува владите на Северна Македонија и Бугарија на заедничка прослава

Под покровителство на бугарскиот претседател Радев, фондацијата „Гоце Делчев“ ги кани владите и пратениците од Македонија и Бугарија на заедничко чествување на 153тиот роденден на револуционерот.

Поканата стои дека по тој повод ќе се одржи свечен концерт со класична музика и поезија, на 4 февруари во училиштето каде што учел Делчев, сегашната воена академија Георги Раковски во Софија.

Претседателот на фондацијата, Христо Христов, кој е внук на Гоце Делчев, за Канал 5 вели дека преку културата треба да продолжи и политичката комуникација, особено кога се работи за голем револуционер.

“Сега ја отвораме можноста да се сретнат пратеници од двете држави, независно од кои политички партии и да можат да си разговараат на една многу позитивна основа. И солистите и поезијата е од двете држави, има по 50-100 и од Македонија и од Бугарија, така што се надеваме дека ќе биде нешто многу позитивно. Се разбира очекувам, има различни луѓе, но очекувам да дојдат” изјави Христов.

Поранешната пратеничка и актерка Валентина Божиновска е една од од учесничките која добила покана од Христов. Таа потенцира дека и изминатите неколку години се одржувале вакви свечености, не само во Софија, туку и во Скопје.

“Да се потсетиме на фактот кога македонската опера беше прифатена прекрасно од публиката. Ако одиме по големата реченица на Гоце Делчев дека културата е таа која не обединува, и дека ние сме во еден постојан и континуиран натпревар помеѓу народите, треба да потсетиме дека огромно значење има во културните релации меѓу двете држави”, изјави Валентина Божиновска.

Од македонската Влада велат дека до нив официјално барање за заедничко чествување не е пристигнато и не е предвидено. Она што е извесно е дека премиерот Мицкоски на 4 февруари ќе ја предводи владината делегација која ќе оддаде почит на гробот на Гоце Делчев во црквата св. Спас во Скопје.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*