МНР изрази загриженост за случајот Росо

Министерството за надворешни работи изразува загриженост поради протерувањето и забраната за влез од една година на македонска државјанка од страна на Република Србија, која според наводите на тамошните надлежни органи, претставувала „безбедносна закана“.

Зошто е таа протерана македонското МНР ќе побара објаснување од српските власти, за како што велат оправданоста на преземените мерки и дали тие се во согласност со европските и меѓународни стандарди за човекови права. Како што соопштија од таму, таа имала регулиран престој во државата и се надеваат дека овој случај, ќе биде разрешен на соодветен начин, преку дијалог и со присутна добра волја од двете страни.

Според информациите на РСЕ станува збор за Искра Росо, македонска државјанка која е извршна директорка на здружението на граѓани за поддршка на лица со попреченост „Солем“.

Таа е меѓу 13 други странски државјани од девет земји кои пред два дена ги протерала српската полиција. Сите, според информациите учествувале на едукација организирана од австриската „Ерсте штифунг“ фондација, која се занимава со развој на граѓанското општество во централна и југоисточна Европа и Академијата за невладини организации на Виенскиот универзитет за економија и бизнис.

Росо во изјава за РСЕ вели дека полицајци во цивилна облека пред два дена ги легитимирале после полноќ, без да знаат зошто.

“Бевме излезени. Кога се вративме назад во лобито во хотелот, малку после полноќ, полицајци во цивилна облека побараа да нè легитимираат. Не ја носев личната карта, па во присуство на полицаецот се качив до собата да ја земам. Нè однесоа во полициска станица. Таму седевме од 1 часот до 4 часот сабајле. Полицајците беа фини и културни, но никој не ни кажуваше зошто сме таму. Во мојата група бевме тројца, јас и двајца колеги од Романија. Нас не нè испрашуваа. Но, првите четворица беа прописно испрашани – зошто се таму, со кого се”, вели Росо за РСЕ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*