Мицкоски се обрати на настан по повод црквата Свети Никола во Њу Џерси

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски, за време на посетата на Соединетите Американски Држави присуствуваше на одбележувањето на 30 годишниот јубилеј од постоењето на црквата „Свети Никола“, на коj присуствуваа и бројни македонски иселеници.

Во своето обраќање тој истакна дека овие 7 месеци откако е избрана Владата, таа ја води борбата дома за подобра инфраструктура, подобро здравство, поквалитетно образование, конкурентна економија и дека таа борба ќе продолжи и нема да запре.

“Но, таа борба за македонскиот народ се плашам дека не е доволна, дека ќе треба да победуваме и тука во Вашингтон и во Њујорк и во Брисел и во Берлин и во Лондон и во Париз и во Рим и во други светски метрополи, ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска, бидејќи тоа не е решено, тоа со векови тлее и трае и сѐ уште постои.

Затоа е многу важно оваа врска којашто ја има татковината со Македонците надвор од татковината да продолжи да функционира да се засили, да биде уште посилна. Како Влада сме определени да ја градиме нашата релација со македонската дијаспора. Врската мора да ја засилуваме и таа да биде силна. Не смееме да дозволиме нашата дијаспора да биде разочарана затоа што македонските политички елити не успеваат таа врска да ја негуваат и одржат”, истакна премиерот Мицкоски.

Според претседателот на Владата, нема посилна потврда од македонскиот идентитет ако има повеќе Македончиња, без разлика дали тие се родени во Македонија или надвор од Македонија, бидејќи на тој начин се брани нацијата и македонскиот идентитет, со потомство.

“Сакам да испратам една порака дека ќе направиме како Влада сѐ што можеме и правиме сѐ што можеме и правиме и повеќе од што можеме за да вратиме дел од тоа загубено време и дел од тоа загубено достоинство за да можете вие да кажете дека повторно Македонија е ваша и повторно ќе бидете горди Македонци.

Упатувам уверување дека и покрај сите предизвици дома и покрај сите предатори коишто не сакаат Македонија да биде успешна, оваа Влада, оваа генерација ќе ги потврди илинденските идеали”, изјави Мицкоски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*