За работа во градинките ќе се издаваат лиценци на македонски јазик за сите, а доколку некој побара, ќе добие и лиценца плус, на албански јазик. Мнозинството пратеници го изгласаа амандманот на ВМРО ДПМНЕ и ЗНАМ, поднесен откако претседателката Сиљановска-Давкова не го потпиша указот за Законот за заштита на децата и побара доработка.
Амандманите на СДСМ и на Левица, беа одбиени, што предизвика политички препукувања и обвинувања, особено за закочениот систем на полагање за лиценци во детската заштита, кој не функционира веќе три години, па околу 3 илјади лица не можат да се вработат во градинките.
Опозицијата обвини и за воведување на двојазичност, но за мнозинството и тоа е дефокус од вистинскиот проблем.
Вториот амандман на мнозинството предвидува лиценците да се полагаат по електронски пат, а по потреба, кога електронскиот систем не е во функција, и писмено.