Обвинителството соопшти дека за 4 лица поднесен обвинение поради пукањето на 14-ти октомври во Чаир при кое едно лице беше рането. Првообвинет е Акиф Равмановски кој за празникот – денот на македонската револуционерна борба беше помилуван од претседателката Гордана Силјановска Давкова.
Равмановски кој во времето на инцидентот издржуваше затворска казна поради нелегално поседување на оружје е обвинет за „Тешки дела против општата сигурност“ за што е предвидена затворска казна од 1 до 10 години.
Обвинителството соопшти дека како затвореник на работно отсуство, Равмановски со уште три лица учествувале во тепачка и напад врз едно лице. Тој „при тепачка неконтролирано испукал еден куршум со пиштол и нанел тешка телесна повреда – огнострелна рана во левата потколеница кај оштетениот, кој пак на обвинетиот му нанел расекотина во главата со остар предмет“.
Второобвинетиот исто така имал пиштол со кој неконтролирано замавнувал и испукал еден куршум во непознат правец со што предизвикал опасност по животот и телото на луѓето.
Двајца останати обвинети се гонат за учество во тепачка. Осум дена по инцидентот, Равмановски беше помилуван од претседателката, но затворската казна беше преиначена само доколку тој во три години не стори ново кривично дело. Веднаш по солободувањето од Идризово, Равмановски беше уапсен и притворен.
За време на инцидентот беше објавено дека Равмановски претходно го сменил иметео и презимето и има врски со активностите на кланот Беланоца додека застреланиот кој имаше тешки рани на ногата бил роднина на припадник на кланот Грчец.