Стабилни се фотељите на четворицата членови на Советот на јавни обвинители кои ги избира парламентот.
Од собраниски извори за Телма брифираат дека засега ситуацијата е „статус кво“ и нема план за наредни чекори или разрешувања во надлежната Комисија за политички систем и односи со заедниците.
По четири месеци откако пратениците дадоа негативна оценка и не го усвоија годишниот извештај, советот продолжи со работа, бомбардирани од политички прозивки дека реформите во правосудството треба да почнат од нивните редови.
Сепак, силните најави од извршната власт за разрешувања се стопија во јавноста, откако домашните експерти и политичарите од унијата посочија дека разрешувањата водат во ќорсокак.
Па, така од собраниските кулоари произлегува и ставот дека ваквата идеја не носи ништо добро со оглед дека ако паднат четворица членови во собранието, советот ќе кубури за тековно мнозинство. Прашани, и првиот човек на обвинителството, и претседателката на советот, не се препознаваат во негативно светло, ниту, пак се согласуваат со политичките чинители дека нешто е труло во нивната работа.