Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на традиционалниот годишен прием за претставниците на дипломатскиот кор, што го приреди вчеравечер во Скопје.
Во своето обраќање на приемот, претседателката Сиљановска-Давкова им посака ним лично и на нивните сакани, на нивните држави и нации, на ЕУ и на европските граѓани, сè најдобро во 2025 година. Таа потенцираше дека токму тие, дипломатите, ги персонифицираат значењето и моќта на традиционалната дипломатија како цивилизациски механизам што опстојува со векови, успевајќи да обединува, да гради сојузи и пријателства, да кова мир.
„Лично, верувам не само во традиционалната дипломатија, туку и во културната, економската, спортската. Лично, не ја разбирам дипломатијата како „земи или остави“, туку како уметност на можното, па дури и неможното. Лично, преферирам зелени маси пред зелените војнички униформи. Лично, предност ѝ давам на битката со аргументи одошто со оружје. Лично, верувам во идејата на европското обединување како филозофија на мир“, нагласи претседателката.
Доајенот на дипломатскиот кор, словачкиот амбасадор Хенрик Маркуш во своето обраќање на приемот им посака на присутните добро здравје, просперитет и успех во професионалниот и личен живот. Го стави доброто здравје на прво место како непроценливо и неопходно за исполнување на сите други желби.
Амбасадорот Маркуш ѝ оддаде почит на претседателката Сиљановска Давкова за нејзините извонредни напори во поддршката на иницијативите за помош на онколошките пациенти и другите ранливи групи и замоли за аплауз во знак на признание. Тој истакна дека на нашата држава не ѝ е потребна инвестиција – брендирањето се наметнува само посебе бидејќи може гордо да биде позната како „најпријателската земја во светот“, која зрачи со нејзиното гостопримство, одлично вино и срдечни луѓе.
Во таа насока, амбасадорот посака нашата држава ова да го пренесе во сите сфери на делување со своите меѓународни партнери, пријатели и сојузници, особено во развојот на економските врски и деловните односи со нив.