Официјално Скопје веќе направи првични контакти со новоизбраната влада во Софија. „Пријателски разговор“, така шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцункси, ја нарече телефонската комункиација со бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев непосредно по вчерашниот избор на бугарската влада.
„Ја изразивме нашата решеност да го зајакнеме партнерството, да ја зајакнеме соработката и заеднички да придонесеме за регионалната стабилност и заеднички напредок“, објави Муцунски на социјалните мрежи по разговорот со новиот бугарски колега.
Исто така Муцунски денеска на работна средба го прими Карло Реслер, европратеник и ко-претседавач на Мешовитиот парламентарен комитет на Република Северна Македонија и Европската унија.
На средбата се дискутираше за напредокот на државата кон европската интеграција, идните чекори во процесот, како и можностите за зајакнување на соработката.
Министерот Муцунски ја потврди цврстата решителност на Владата да постигне напредок на европскиот пат на земјата, обезбедувајќи стабилен реформски процес во клучните области, унапредување на економските капацитети и подобар животниот стандард на граѓаните. Притоа тој се осврна и на добрососедските односи, потврдувајќи ја посветеноста на наша страна за нивно постојано унапредување врз основа на принципите на меѓусебна почит и доверба.
Двете страни го нагласија значењето од одржување на конструктивен дијалог со Европскиот парламент на сите нивоа и продлабочувањето на соработката за унапредување на заедничките интереси.
Министерот Муцунски му се заблагодари на европратеникот Реслер за одличната соработка и континуираната вокална поддршка на Европскиот парламент во однос на евроинтеграциите на земјата и изрази очекување дека во наредниот период со заеднички напори ќе успееме да постигнеме конкретен напредок на патот кон ЕУ.