Владата го поздравува изборот на новата влада во Бугарија. Порачуваат дека остануваат посветени на разговорите, но велат дека досегашното искуство не остава многу простор за конкретни очекувања.
“Како Влада упатуваме честитка за изборот на соседна Бугарија, но со оглед на искуството сме резервирани, претпазливи, но и отворени за дијалог на принципиелни основи кои ќе гарантираат заштита на нашиот идентитет и црвени линии”, изјави владата.
Истиот став го повторија и од штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Од СДСМ прашуваат кои се следните чекори на македонската влада.
“По формирањето политичка Влада во Бугарија, македонската влада ја доби можноста којашто ја бараше, да има соговорник од другата страна со потполн политички легитимитет. Сега очекуваме власта да каже кој е планот за продолжување на европскиот пат на земјата. Ако има решение со подобрени наши позиции, ние ќе го поддржиме”, стои во ставот од СДСМ.
Изборот на бугарската влада го поздравија и од ДУИ, но приликата ја искористија за повторно да побараат предвремени избори за како што велат, и Македонија да добие легитимно раководство.