“За жал оваа 2025 година одбележуваме еден многу неславен јубилеј – 20 години од стекнување на кандидатскиот статус за членство во ЕУ”, изјави министерот за надворени работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Тој денеска беше на работен појадок со амбасадорите на земјите-членки на Европската унија акредитирани во земјава, и со евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас.
„Точно две децении во кои донесовме серија на крупни одлуки во која направивме болни компромиси во името на остварување на генерацискиот стремеж за членство во ЕУ. Крајно време е да продолжиме по европскиот пат. Подготвени сме за дијалог во добра волја, и изнаоѓање на рационални решенија“, рече тој.
„Време е и Унијата да донесе стратегиска одлука за тоа како понатаму ќе се постапува со нашиот пример како своевиден лакмус за кредибилитетот на европската приказна во регионот и пошироко“, наведе Муцунски додавајќи дека очекува конечен почеток на пристапните преговори и отворање на поглавјата оваа година.
Евроамбасадорот Михалис Рокас кажа дека со оптимизам гледа на претстојната година поради досега вложените многу напори, година која вели почна и со сечење на ленти за два многу важни проекти од Коридорот 8 и Коридорот 10. Тој зборување и за значењето на усвоената реформска агенда.
„Кога вложуваме напори во испорачување резултати докажуваме дека се е возможно. Се надевам дека оваа година нема да се однесува само на сечење ленти, туку и на напредок во процесот на пристапување. Имаме одлична платформа со која можеме да работиме, реформската агенда е одличен документ, но исто така содржи и важни квадратчиња кои треба да се штиклираат во годината 2025-та“, рече Рокас.