Сериозна загриженост за измените за законот за јавни набавки им изразила Европската Унија на македонските владини претставници, велат од Делегацијата на Европската Унија во Скопје за Радио Слободна Европа.
Според нив, проблематични се неколку аспекти во предлог законот. Она што најмногу ги загрижува, како што велат, е елиминирањето на административните контроли и најавеното разрешување на сите членови на Државната комисија за жалби.
„Делегацијата на ЕУ, исто така, изрази сомневање за тоа како сегашните измени на Законот ќе се однесуваат на препораките нагласени во последниот извештај на ЕК за земјата.
Имено, да се зголеми употребата на критериумите за економски најповолна понуда (МЕАТ) за доделување на понуди, да се усвојат Закон за јавно приватно партнерство и за подобрување на координацијата меѓу клучните чинители за борба против корупцијата“, се вели во одговорот на Делегацијата на ЕУ во Скопје за Радио Слободна Европа.
Оттаму додаваа дека одблиску ги следат случувањата околу измените на законот за јавни набавки.
Овој предлог закон првично беше доставен во Собранието по скратена постапка, но по бурните реакции во јавноста за постапката и за суштината на измените, беше повлечен и истиот (непроменет) повторно доставен во редовна постапка без промени во суштината.