И објавувањето и бришењето на видеото, коинцидира со новата извршна наредба на американскиот претседател Џо Бајден, која ги проширува условите за санкционирање на лица и членови на нивните семејства кои ја загрозуваат стабилноста на Западен Балкан.
Според наредбата, која е дополнување на таа од 2021, под американски санкции ќе се најдат тие кои ја загрозуваат безбедноста и мирот на регионот, како и оние кои работат против клучни договори како Преспанскиот и Охридскиот договор.
По вчерашната УЧК Фејсбук офанзива, ДУИ денеска, со војнички речник кажано, се повлече на резервна позиција. Воинственото видео со стари снимки од 2001 година од партискиот лидер Али Ахмети во униформа на УЧК, кое членови и функционери на ДУИ вчера масовно го споделуваа на социјалните мрежи, денеска е избришано.
На видеото се слушаат воинствени песни за ОНА и за командантот Ахмети, како и негово обраќање во кое порачува дека никогаш не изгубил војна. Во ДУИ уште вчера се оградија дека тие како партија не стојат зад видеото, туку оти спонтано се споделува од партиски активисти.
Како што спонтано се споделуваше, така и спонтано исчезнаа. Пратеничката Рина Ајдари од ДУИ вели дека видеото не е никаква провокација, туку дел од биографијата на Ахмети.
„Нема потреба од прашањето зошто баш сега. Тоа што треба да се знае и да се зборува јавно е дека тоа е реалност, тоа е биографијата на нашиот лидер Али Ахмети. Тоа не може да се оспори“, изјави Ајдари.
Министерот за внатрешни работи, пак, смета дека видеото е само обид за дефокусирање.
„Кога некој е кабает, и тоа голем кабает, нормално дека ќе пробува да дефокусира, да измислува теми коишто не се тема, да наметнува прашања коишто се затворени многу одамна во нашата Македонија. Така што ова само би оценил како еден неуспешен обид за дефокусирање на јавноста од она што е реалност, а реалност е дека заврши времето на како досега кога секој еден којшто се огрешил ќе треба да се соочи со правдата“, изјави министерот Панче Тошковски.
СДСМ обвини дека се работи за намерни етнички провокации, кои се дел од стратегијата и на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ.