Имајќи ги во предвид актуелните ставови на парламентарните политичките партии од мнозинството и од опозицијата, на собраниската седница закажана за во петок, се очекува отфрлање на четирите интерпелации за актуелни министри поднесени од Европскиот фронт, додека за петтата интерпелација за претседателката на Комисијата за труд Илире Даути, дел од пратениците најавуваат дека утре или задутре ќе го изградат својот став.
Сепак, како што брифираат пратеници, дури и да се изгласа интерпелацијата поднесена од Левица, Европскиот фронт може повторно да ја предложи Даути и таа пак да биде претседателка на истото собраниско тело.
Пратениците од Левица, кои ја поднесоа интерпелацијата против Илире Даути, како што посочи за МИА Амар Мециновиќ, очекуваат широка поддршка во Парламентот, имајќи предвид дека законот кој таа го блокира е предложен од СДСМ додека ВМРО-ДПМНЕ преку нивната портпаролка Марија Митева најави дека би поддржале нејзина смена.
“Сега топката е кај мнозинството. Ова е клучен чекор за ставање крај на самоволието на пратеничката Даути и кочењето на парламентарните процедури преку кршењето на Деловникот”, вели Мециновиќ.
Нивната пратеничка група нема да ги поддржи другите интерпелации поднесени од ДУИ.