Продолжуваат реакциите на Законот за заштита на децата

“Ниту сум имала намера, ниту некогаш ќе направам такво нешто да употребам вето за да навредам некој јазик, ниту пак сум се водела од партиски совети”, изјави денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во врска со ветото што го стави на Законот за заштита на децата.

Во изјава за медиумите дадена денеска по литургијата во Соборниот храм во Скопје, Сиљановска-Давкова рече е должна да ги почитува Уставот и законите.

По непотпишувањето на указот од страна на претседателката, од Владата информираа дека законот ќе се доработи и ќе се достави во Собранието во закониските ркови. Денеска и премиерот Христијан Мицкоски во изјава за медиумите го потврди ова.

“Како што сум информиран станува збор за членовите 9 и 10 и тие така што се формулирани се спротивни на Уставот и на Законот за јазиците така што мислам дека е рутина и формалност. Ќе бидат корегирани и ќе бидат согласно Уставот и Законот за јазици и очекувам дека успешно ќе бидат усвоени. Мислам дека малку несмасно е тоа направено. Тоа е една формулација којашто ќе се надмине.

Инаку се знае дека службен јазик на целата територија на државата е македонскиот јазик, но сите оние кои ќе побараат и на албански да биде формуларот за полагање, тоа сега ќе биде прецизно формулирано согласно Уставот и законите и ќе биде овозможено”, изјави Мицкоски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*