Мицкоски откри детали како тој и партиски функционери биле следени од безбедносните служби, кога биле во опозиција и како политички моќници ги злоупотребиле институциите.
“Поради сензитивноста нема да навлегувам во детали, но она што можам да го кажам е дека една од институциите се занимавала со физичко следење на претседател на опозициска партија. Измислувале извор именуван како „Цилиндар“, кој според нив, доставува наводно веродостојна информација. Ова се случувало на почеток во 2020 година, во време на избори. Ме следеле под изговор дека параполициско воена вооружена формација, составена од македонски радикални екстремни државјани во предизборие ќе вршат закани за да обезбедат поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и нарачател на ова е професор доктор Христијан Мицкоски. Јас сум тој кој оваа формација ја финансирал и ја формирал. Ова е оставено како трага, ова служело како покритие за сите да бидеме покриени.
Истиот извор „Цилиндар“ вели дека јас сум виден со две женски лица на Водно како пешачам, а тие ми презентирале информации кои биле од мој интерес. И двете информации се лажни. Исто, пред локалните избори во 2021 година, изворот е „Џокер“, кој вели дека во манастирот Свети Јован Бигорски сум имал средби со припадници на ова патриотско друштво за да ја нарушиме безбедноста на Македонија”, обелодени премиерот.
Тој истакна дека ова нема никаква врска со реалноста и праша дали тоа се европските вредности на кои се повикувала претходната власт.
“Ај што крадеа – крадеа, но тука, освен мене, покривани се физички и мојата сопруга и двајцата синови. Затоа сега е стравот. Дали јас ви личам на човек кој може да финансира паравоена формација? Замислете што паралелно создавале. Затоа со реформа на службите еднаш засекогаш на ова да се стави крај. Ако некој мисли дека од ова ќе се спаси, се лаже. Сè додека јас ја предводам Владата, сите инволвирани ќе одговараат”, порача Мицкоски по пратеничкото прашање на Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицискиот пратеник Горан Мисовски, пак, не доби конкретен одговор од премиерот дали има договор со ДУИ да влезе во Владата.
“Најавувате дестабилизација на државата и го вперувавте прстот во ДУИ. Кога беше инцидентот со претседателката на Косово рековте само што не почнала дестабилизација на државата и впечаток е дека кога ќе ви се случи непријатна ситуација со Вреди, најавувате дестабилизација, а џокерот ви е ДУИ дека, еве, само што не почнало војна. Ова ми личи на времето кога ВМРО и ДУИ правеа вакви игранки за билдање на рејтингот. Сега истото се случува. Иста слика, само мал микс од поразлични актери. Дали имате договор со ДУИ и дали подготвувате терен за враќање на ДУИ во Владата”, праша Мисовски.
Премиерот му одговори дека како релативно искусен политичар и пратеник неколку десетици години, Мисовски дал неколку констатации од кои дел се шпекулации, дел полувистини, но дека ништо не е вистина.
“И додека размислуваше дека Талат Џафери му е идол и инспирација, изнесе навреди и квалификации. Мисовски, чувствувајте се безбедно, се надевам по толку години во парламент ќе имате богата трпеза и ќе уживате безбеден, бидејќи безбедносната ситуација е стабилна”, рече премиерот.
Мисовски рече дека премиерот индиректно му потврдил дека имало сценарио со ДУИ да фингираат дестабилизација, како и обид да го навреди, а тој, пак, дека има стомак да поднесе ниски удари.