Бегалецот од правдата и екс директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами повторно е гонет од финансиската полиција. Во новата кривична пријава се товари дека преку сомнителни тендери за набавка на телевизори и компјутерска опрема за Државната лотарија, проневерени се нешто помалку од 400 илјади евра.
Парите биле исплатени, ама стоките не биле испорачани. Со кривичната пријава е опфатен и Артан Ајрули, сопственикот на фирмата „Ритрон копи“ од Куманово која ги добила 6 -те тендери, и уште други двајца директори во лотарија. Кои се сомничат дека ја примиле стоката која всушност била фиктивна.
Со свој потпис одобрил исплата на фактури со невистинита содржина за набавка на употребувани телевизори, принтери, компјутерска и комуникациска опрема, кои фактури биле изготвени од второпријавениот А. А. во својство на сопственик и управител на петтопријавениот правен субјект ДПТУ РИТРОН КОПИ ДООЕЛ Куманово, иако истите биле свесни дека наведените телевизори, принтери, компјутерска и комуникациска опрема во фактурите не биле испорачани согласно предвидените модели во склучените договори, соопшти Финансиската полиција.
Бајрами се гони дека од 2002 до 2024 со свој потпис одобрил исплата на фактури со невистинита содржина за набавка на употребувани телевизори, принтери, компјутерска и комуникациска опрема.
Фактурите биле изготвени од Ајрули, иако и двајцата биле свесни дека опремата не била испорачана согласно склучените договори за јавни набавки. На тој начин Ајрули се стекнал со корист од речиси 50 илјади евра на штета на буџетот на лотарија. Ајрули притоа за други 3 тендери истиот период заедно со Бајрами користејќи ги блиските пријателски односи однапред ги прилагодиле техничките спецификации за набавка на телевизори. Со што се овозможило на Ајрули и неговата фирма да се стекнат со имотна корист од трите тендери во вредност од 211 илјади евра.
Директорот за продажба во лотарија пак потврдил дека примил 107 телевизори за организирање на електронски игри на среќа во вредност од над 81 илјада евра, но истите по вонредниот попис не биле пронајдени.
Директор на сектор за информатички технологии во лотарија потврдил дека примил принтери, компјутерска и комуникациска опрема во вредност од 28 и пол илјади евра, кои исто така по вонредниот попис не биле пронајдени. Со тоа директорите во лотарија го оштетиле буџетот за 110 илјади евра. Ајрули во врска со кривичната пријава е на распит во обвинителството. Вкупната вредност на тендрите кои Ајрули ги добил во лотарија се околу 370 000 евра.
Ајрули е внук на пратеникот Елми Азири од ,, Европскиот фронт“ а сопственикот на оваа фирма како што пишуваше Радио Слободна Европа има и заеднички фотографии со сега бараниот на меѓународна потерница Перпарим Бајрами. Со потерница се бара и поранешниот вицепремиер Артан Груби кој е опфатен со истата истрага.