Контроверзните соопштенија од страна на власта за тоа како Артан Груби ја напуштил државата ни дава за право да мислиме дека тоа е договорено, изјави денеска претседателот на СДСМ Венко Филипче, одговарајќи на прашање зошто неговата партија смета дека има „политички договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“ за напуштањето на државата од Груби.
Како што рече, прво било соопштено дека заминал со дипломатско возило, па потоа дека ја поминал границата пеш и потоа дека не работеле камерите кои, рече, „знаеме дека не работат на батерии“.
“Сето тоа граѓаните го слушаат и секој здраворазумен ќе се посомнева дека има некаква позадина во сето тоа. СДСМ повеќепати во изминатиот период укажуваше дека има проблем во функционирањето на границата со Косово – бегството или „прошетката“ на Блерим Рамадани, потоа начинот на кој границата ја помина претседателот на Собранието, Африм Гаши, сега ова поминување на границата. Сето тоа се работи кои создаваат сомнеж дека има некаков договор”, рече Филипче, одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата на која го критикуваше работењето на Владата во шесте месеци мандат.