“Владата нема да презема чекори спротивни на Уставот, туку секогаш ќе работи во насока на позитивните законски норми и Уставот коишто се за нас два клучни столба”, истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали ќе донесат закон за рестриктивни мерки за лица кои се наоѓаат на црната листа на САД.
Мицкоски, кој денеска (24 декември) присуствуваше на ставање на камен темелник на спортска сала во Црешево, рече дека законодавството има предвидено сè што е потребно за лицата кои се дел од црната листа на САД.
„Она кое што е констатирано од одлуката на САД, а е содржано во листата на санкции каде што се опфатени овие имиња, тоа е судија од Апелација и поранешен член на владата е практично дел од основаното сомневање на обвинителството. Мислам дека имаме доволно квалитетни процедури во рамките на системот ова да го завршиме. Ние нема да преземаме чекори коишто ќе бидат спротивни на Уставот, затоа што тоа не беше причина зошто не гласаа граѓаните“, нагласи Мицкоски.