Италијанската амбасада во Скопје до МНР доставила нота дека македонскиот бизнисмен со незаконски документ сакал да ја продава нивната резиденција на Водно.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја потврдува информацијата дека Италијанската амбасада во нашата држава доставила нота со барање за заштита од надлежните служби. Во согласност со Виенските конвенции за дипломатски односи од 1961 година, нотата е проследена до надлежните институции за соодветно постапување.
Скандалот го откри порталот НетПрес, а според документите кои ги поседува, бизнисменот Александар Ивановски кој се бави со градежништво наводно добил овластување да продаде плац и објект во скопската населба Водно, кој всушност е резиденција на италијанскиот амбасадор во Македонија.
“Почитуван господине Ивановски, во врска со вашето барање од 6 август 2024 година, со кое побаравте писмена согласност од оваа амбасада за продажба на имотот што се наоѓа на улица Славејко Арсов број 146, сакаме да ве информираме дека нашата амбасада дава согласност за склучување на преддоговор за продажба на недвижен имот. Остануваме достапни и во иднина. Со почит, амбасадор Андреа Силвестри”, пишува во службениот превод на незаконски изработениот документ.
Италијанската амбасада дошла до фалсификуваниот документ и на петти декември годинава го известила МНР. Документот имал и печат од амбасадата.
На шести декември со назнака „Многу Итно“, од МНР за случајот испратиле известување до МВР, до Министерството за правда, како и до Нотарската комора. Од Министерството за правда за Телма велат дека на нивната адреса пристигнало такво известување и истото е проследено до обвинителството на понатамошно постапување.
Единствениот македонски бизнисмен кој се занимава со градежништво и го носи името Александар Ивановски, познат во јавноста и како Алек Теранова е сопственик на фирмата „Дивелоп груп“ заедно со Бест Веј Инвестмент под чија капа е хотелот Мериот во центарот на Скопје.
Инаку Бест Веј Инвестмент е во сопственост на Јордан Мијалков, синот на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Фирмата на Мијалков се наоѓа на истата улица како и италијанската резиденција, која наводно била на продажба.