Мицкоски вели дека имало само краток разговор со Главчев

“Изненаден сум од тоа што го слушнав во јавноста, бидејќи со техничкиот премиер на Бугарија немав средба” – ова е одговорот на премиерот Мицкоски прашан за тоа дали со буагрскиот колега разговарале за македонските евроинтеграции.

Според Мицкоски, станува збор за краток разговор на заминување и по завршувањето на самитот ЕУ – Западен Балкан. За Главчев како што вели, има добро мислење, а иако вообичаено бил активен на работните сесии, така не било и овој пат во Брисел.

“Едноставно по завршувањето на работната сесија, ако тоа се смета за состанок, на излегување ме поздрави и ми кажа дека сум имал одличен настап, одличен говор ид ека на тој начин треба да се градат односите меѓу двете земји. Јас на тоа одговорив, одлично ајде во скора иднина да ја кренете рампата да преговараме и на тоа добив одговор, абе знаеш во нашиот парламент сите се против вас. Еве отприлика ова беше разговорот, ако ова е состанок, ова е го цитирам неколкуте реченици кои ги разменивме”, изјави Мицкоски.

Главчев пред почетокот на Европскиот совет за бугарските медиуми порача дека од Мицкоски побарал да се стави крај на како што кажа, говорот на омраза во земјава и повтори дека бугарските позиции за Македонија за македонските евроинтеграции остануваат непроменети.

Мицкоски пак, кој од Брисел порача дека таму е да ги претстави македонските аргументи и позиции, денеска вели едка не добил контра аргумент од соговорниците на состанците со европските челници.

“Тоа што го кажувам како аргументи во јавноста, го кажувам и таму, јас не добивам од моите соговорници контра аргументи таму. Бидејќи контра аргумент не е: знаеш треба 27 земји да одлучат”, изјави Мицкоски.

За да се види суштината на спорот, Мицкоски откри и дека дал предлог европскиот парламент да се обиде да изгласа резолуција со која како што вели, би се потврдил македонскиот многувековен идентитет и јазик. Вели дека не гледа потреба од посебна собраниска седница за преговарачкиот процес бидејќи позициите биле јавни. Последно такво барање пристигна од заменик претседателката на СДСМ Фани Каранфилова Пановска во вчерашното само интервју.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*