Меџити тврди дека Груби моментално е во Албанија

Поранешниот вицепремиер Артан Груби, кој е осомничен во случајот „Државна лотарија“ повеќе не е во Косово, туку во Албанија. Ова го тврди првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити кој во интервју за албанската телевизија „Ора њуз“, кажа дека според неговите информации Груби сега се наоѓа во нашиот западен сосед.

„Според информациите, не е на Косово, туку во Албанија. Но, тоа не е важно. Со бегството, тој ја докажал вината и затоа ја напуштил државата. Сигурен сум дека органите на прогонот ќе поднесат меѓународна тужба преку Интерпол и дека ќе се соочи со правдата, можеби денес, утре или задутре“, рече Меџити во интервју за „Ора вести“.

МВР за Груби и за поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами распиша меѓународна потерница. Се гонат за проневера од околу 8 милиони евра. Кривичниот суд им одреди 30-дневен притвор, кој ќе почне да се спроведува по нивното обезбедување.

Од МВР за Телма велат се преземаат мерки за пронаоѓање на Груби.

„За лицето за кое прашувате е распишана меѓународна потерница и во координација со Интерпол и полициите од другите држави се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето“, велат од МВР.

Од СДСМ реагираа денеска дека власта го пуштила Груби и постојат сомнежи дека станува збор за договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и бројните пропусти се потврда за тоа.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека СДСМ е одговорна.

„Жално е да се гледа како сега СДС од петни жили се обидуваат да смислуваат сценарија, кога тие додека делеа власт се плашеа да го спомнат Груби, а не пак да го повикаат на одговорност. Иако сите знаеја за криминалот на Груби, иако и ВМРО-ДПМНЕ и медиумите ги прозиваа СДС како власт, тие не преземаа ништо, затоа што им беше единствено важно да останат на власт“, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*