Директорот на канцеларијата на Светска банка (СБ) за Северна Македонија и Косово, Масимилијано Паолучи, на конференција за презентација на анализа на Светска банка за квалитетот на воздухот во земјава изјави дека во Северна Македонија во просек годишно умираат 2.800 луѓе поради компликации предизвикани од загадениот воздух.
„И покрај извесниот напредок постигнат во однос на 1990-тите, загаденоста на воздухот сè уште останува голем проблем за граѓаните на Северна Македонија, особено во зимскиот период. Свежиот воздух е од големо значење за здрава животна средина, но нашите податоци покажуваат дека луѓето во Скопје и Тетово, на пример, дишат далеку позагаден воздух во споредба со градовите во Западна Европа“, рече Паолучи.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити рече дека анализата на СБ може да ги посочи главните причинители на загадувањето на воздухот за да можат институциите на државата да се справат со нив.
„Ова е во согласност со програмата за свеж воздух што неодамна ја усвоивме со Владата. Сметам дека поинтензивното спроведување на проектите за гасификација би можело ефикасно да се справи со ова прашање“, предложи Меџити.