Случај Лотарија: За Груби и Бајрами изречена мерка притвор од 30 дена

Кривичниот суд во вторникот за случајот Лотарија им изрече мерка притвор од 30 дена на екс-вицепремиерот Артан Груби и на поранешниот шеф на Националната лотарија Перпарим Бајрами.

Исто така, Основното јавно обвинителство Скопје до МВР издаде наредба за национална потерница и изјава за распишување меѓународна потерница по двете лица. Според процедурите на Обвинителството, прво се распишува национална потерница и се дава изјава за распишување меѓународна.

Таа изјава потврдува дека доколку осомничените бидат приведени во странство, ќе се бара да бидат екстрадирани во Северна Македонија. Извори за Телма изјавија дека Груби ја напуштил Северна Македонија со дипломатско возило со помош на почесниот конзул на Косово во Северна Македонија, бизнисменот и сопственик на Нептун, Арсим Папранику.

Според неофицијални информации, за излез од државата екс-вицепремиерот користел албанска патна исправа.

Претходно, извори за Фактор изјавија дека Груби веќе ангажирал адвокат, Владимир Доневски, кој претходниот ден, понеделникот, пред Кривичниот суд изјавил дека неговиот клиент е подготвен веднаш да се врати во Северна Македонија доколку мерката притвор биде заменета со поблага, како на пример да му се одземе патна исправа.

Доневски беше адвокат на Драги Рашковски во судскиот процес против поранешниот генерален секретар на Владата за случајот Софтвер.

За останатите четворица осомничени опфатени во истрагата им се изречени мерки на претпазливост, односно им се одземени пасошите и имаат обврска одвреме-навреме да се јавуваат во судот.

Кога станува збор за другите две лица против кои е покренато обвинение, експремиерот Димитар Ковачевски и екс-владиниот генерален секретар Методија Димовски, Јавното обвинителство соопшти дека проверките продолжуваат, додавајќи дека процесот против нив се однесува на друг временски период и активности.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*