“Иако Советот го поздравува тоа што новата влада во Северна Македонија ги прогласи интеграциите во ЕУ за своја стратешка цел, тој потсетува на заклучоците од јули 2022 година и забележува дека Северна Македонија сè уште не ги завршила уставните измени на кои се обврзала”, се вели во заклучоците одобрени од Советот за општи работи во вторникот.
Советот, исто така, го повтори својот повик до земјата да го забрза процесот на промени.
„Повторувајќи го повикот на Европскиот совет до Северна Македонија да го забрза завршувањето на овие промени, Советот ја потврдува својата подготвеност да свика уште една меѓувладина конференција, без дополнителни одложувања или дополнителни политички одлуки, штом Северна Македонија ќе ја спроведе својата заложба, во согласност со внатрешни процедури.
Потоа, Советот е подготвен да го отвори првиот преговарачки кластер што е можно поскоро, во согласност со Преговарачката рамка“, се додава, меѓу другото, во текстот.
Исто така, се посочува дека Советот ги охрабрува сите партии во парламентот да обезбедат меѓупартиска соработка, со фокус на унапредување на спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ.
Исто така во вторникот, комесарката за проширување, Марта Кос, рече дека ќе им помогне на кандидатите да ги спроведат реформите и да продолжат со процесот на пристапување.
Покрај тоа, во објава на Х, таа напиша: „Има нова динамика во процесот на проширување и напредување. Вчера затворивме 3 поглавја со Црна Гора, а денес отвораме еден кластер со Албанија“.
Кога станува збор за Унгарија, таа ја гледа важноста на процесот на пристапување како влог во стабилноста, мирот и развојот на Западен Балкан.
Во Скопје, евроамбасадорот Михалис Рокас рече дека има огромен моментум кога станува збор за проширувањето што е приоритет на ЕУ и што треба да се искористи.