Уапсени се рекетари, лихвари, како и обвинети за убиствата меѓу мафијашките кланови во полициската акција спроведена во недела вечерта, соопштија Обвинителството за гонење на организиран криминал и полицијата.
Обвинителството отвори истрага против 18 припадници на криминалната банда „Беланоца-Барон“. Осомничените во период од 2020 до 2024 година, организирале убиства на вкупно 8 луѓе, при што тројца други биле ранети, а на три лица им бил загрозен животот. Полицијата и во текот на 16 декември, врши претреси и преведувања во Арачиново, Чаир и други скопски населби.
За 14-мина постои сомневање дека се нарачатели или директни извршители на убиства, а 12 од нив се сомничат и за злосторничко здружување.
Останатите Обвинителството ги товари за кривичното дело „изнуда“.
Обвинителството смета дека првоосомничениот како лидер на бандата, Фатљум Ајети – Тоте, кој во моментов е на издржување казна затвор, заедно со уште четворица други од кои двајца во притвор, а еден починат, пред неколку години создале група со цел извршување на кривично дело убиство.
„Организаторите на криминалната група подготвувале планови и носеле одлуки кој, каде, кога и на каков начин ќе биде ликвидиран. Притоа, одлуките ги спроведувале лично или преку други припадници на групата плаќајќи од 10.000 до 250.000 евра за убиство“, се вели во соопштението на Обвинителството.
Осомничените од криминалната груба „Беланоца- Барон“ се товарат за убиства, рекет, лихва, подметнати пожари во спортски обложувалници и на автомобили на полицајци и затворската полиција како и закани кон луѓе. Надлежниот јавен обвинител побара од Кривичниот суд определување мерка притвор за четворица приведени, додека тројца од осомничените се на издржување на затворска казна, а две лица се во притвор за други кривични дела.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека по претресите се обезбедени докази за повеќе убиства меѓу кои и познатото неколкукратно убиство во скопскиот Шиша Бар кое предизвика , како што вели „голема вознемиреност кај македонската јавност’“.
„Од страна на членовите на оваа група се извршени поголем број убиства во изминатите години, како и убиства во обид. Во 2023 тројца создале група за изнуда“, изјави министерот Тошковски.
Тој посочи дека дел од осомничените подолг временски период не се во земјава, дел се а дел не се обезбедни, без да ги прецизира деталите за вкупно приведените додека траат претресите.
„Најмалку седум убиства се расветлени во оваа постапка. Колку што сум запознаен, мислам дека само едно е сторено откако сум јас министер за внатрешни работи. Сите останатите се сторени претходниот период. Прашањето е што правеа тие пред нас? Работеа во интерес на македонските граѓани или во туѓ интерес?“, изјави Тошковски.
Тој додаде дека дел од членовите на оваа криминална банда опожариле и пет спортски обложувалници и една седнвичара, како и неколку возила на затворската полиција. За полициската акција протекле информации од Министерството за внатрешни работи, и поради таа била спроведена во недела навечер, наместо во вторник како што било планирано.
„Постоеја сомневање кои можеа да ја контаминира акцијата и затоа акцијата мораше да се спроведе во недела навечер“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
„Босовите“ на нарко – картелите во Скопје имаат доушници во државниот систем кои им овозможуваат „работа од слобода“, вели министерот за внатрешни работи Тошковски.
„Порака до нечесните, срам е за македонски полицаец да учествува во поткопување на процесите кои треба да не довеат до правда и правичност и ќе следат во иднина постапки“, рече Тошковски.
Но тој не соопшти повеќе детали за протечените информации.
„Ако ме прашате дали има полицајци кои се нечесни и очигледно повеќе соработуваат со криминалните отколку со нивните колеги – Да. Ако ме прашате дали треба да сме еднакви и гласни во борбата против нив како и против останатите – да“, изјави тој.