На 18 декември на редовниот годишен самит ќе се сретнат лидерите на земјите членки на Европската унија (ЕУ) и лидерите на земјите од регионот. Ова ќе биде прв самит со кој ќе претседава Антонио Коста, новоизбраниот претседател на Европскиот совет.
Шефовите на држави и влади на ЕУ ќе ја усвојат декларацијата на крајот на самитот, а од регионалните лидери се очекува да се усогласат со неа. Меѓу другото, ќе се констатира дека проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот.
Премиерот Христијан Мицкоски ќе отпатува на самитот и како што самиот рече денеска пораките за него не се многу јасни во однос на Северна Македонија.
“Пораките од Брисел не се многу јасни, но нашата порака е јасна дека ние доволно направивме како тоа што не го стори ни една друга држава во ЕУ и сега гледате како една на друга земја по принципот на Бугарија, а во минатото и на Грција си ставаат вето. Сега прашањето е дали ако еднаш направите преседан, по тоа тој преседан станува пракса. Гледаме дека тоа таму станува пракса”, рече Мицкоски.
Според Министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски за ЕУ мора да ги земе пред вид геополитичките движења во регионот.
“Мора да се исцрта јасен пат за нашите преговори, што се очекува а што треба да направиме за да имаме предвидлив и извесен пат. Ова нема да е лесно за нас и за ЕУ но мора да е најдобро за нас и за кредибилитетот за ЕУ земајќи ги пред вид геополитичките движења во регионот”, рече Муцунски.