Минатата влада подготви измени во законот за рестриктивни мерки со кои лицата и фирмите кои поради корупција ќе завршат на американската или британската црна листа ќе имаат последици и во Македонија.
Со нив се предлага суспендирање од јавна функција, неможност за кандидирање, учество во јавни набавки и слично. Законот од Влада беше испратен до Собрание, па повторно вратен назад. Од Владата за Сител велат дека и сега постојат законски основи по кои може да се покренат постапки против лица кои се нашле на црна листа на САД.
„Во 2021 година е усвоен закон за меѓународна соработка во кривичната материја и во овој закон е предвидена можноста домашен надлежен орган во овој случај тоа е јавното обвинителство да испрати замолница за соработка во кривичната материја до надлежна институција на странска држава. Дополнително, со овој закон се овозможува и формирање на заеднички истражни тимови за истражување и гонење на кривични дела, а договорот за заеднички истражен тим го склучува државниот обвинител на Македонија“, велат од Владата.